КРАТОК ПРЕГЛЕД НА НАСТАНИТЕ ОПФАТЕНИ ВО ИСТРАЖУВАЊЕТО

Истражувањето за проектот, чиј резултат е оваа книга, опфати широк спектар на извори, од архивите на Универзитетска библиотека, преку стари и нови видео материјали, многу професионални и непрофесионални фото архиви, интернет страници, интересни приказни и сеќавања на сведоци на настаните… Целиот материјал до кој дојдовме ниту беше мал да го собере на стотина страници, ниту пак беше соодветно да не се исфилтрира и да не се доведе до прифатлива димензија, која ќе ја оствари саканата комуникација со секој што ќе го види. На страниците не се најдоа сите пароли од истражувањето, туку оние за кои некако заклучивме дека најдобро ќе посведочат за своето време, можеби на духовит начин ќе подзамислат некого и ќе пренесат порака. Чувствувајќи дека го должиме тоа, подолу следува краток преглед на настаните што се опфатени во истражувањето, со кратко објаснување, за кое се потрудивме да биде сосема објективен податок за тоа што се случило, без претендирање да се врши анализа и изнесување став за причината, текот, исходот и последиците од нив, бидејќи тоа не е ни целта на оваа книга. Самиот предмет на истражувањето не може целосно да ослободи од политичкиот контекст, но она што овде беше предизвик е протестот како општествено  културен феномен и неговиот медиум – паролата, која со зборот како изразно средство пренесува порака. 

  • 1968, Скопската младина и граѓани со масовен комеморативен митинг му оддаваат почит на убиениот црнечки лидер Мартин Лутер Кинг.
  • 1968, Група граѓани со протест го изразуваат својот револт против војната во Виетнам и му даваат поддршка на виетнамскиот народ.
  • 1968, Паралелно со големите студентски протести во Париз и во светот и македонските студенти се придружуваат кон изразувањето на глобалното незадоволство со низа собири на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, од кои најмасовен е оној на Правниот факултет. 
  • 1968 и 1981, Албанците на Косово протестираат, барајќи да станат конститутивен народ во тогашната СФРЈ, а Косово да биде прогласено за седма република. Протестите започнуваат на Приштинскиот универзитет, за подоцна да ескалираат. Поддршка добиваат и од Албанците во Скопје и во Тетово.
  • 1984, Вработените во фабриката „Иднина“ од Кратово штрајкуваат 82 дена против приклучувањето на фабриката кон „Силекс“ на Љубисав Иванов Ѕинго. Воедно ова е и најдолгиот и единствен  штрајк на работници во тогашна Југославија.
  • 1987, Жителите на Вевчани протестираат против плановите за водоснабдување на селата Октиси и Елен Камен со вода од вевчанските извори. 
  • 198?, Граѓани во Тетово протестираат против рушењето на ѕидовите на албанските куќи.
  • 1988 и 1990, Во Скопје се одржани масовни протести против грчките анти – македонски политики и негирањето на Македонците.
  • 1991, Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес, организира протести на јужната македонско – грчка граница против Грција.
  • 1991 – 2000, Низа протести на работниците на голем број претпријатија (МЗТ, Годел, ФАС-Каросерија, Славија Центро, Гобленка, Фротирка, Партизанка, Спектар, Илинден, Влеча, ЖАС Скопје…) што одат во стечај, низ целата територија на Македонија.
  • 1992, Србите во Македонија протестираат против одлуката за независност на Македонија.
  • 1992, Група граѓани во Скопје го изразуваат својот револт преку протест против изградбата на бегалски кампови.
  • 1992, Синдикатот на земјоделците со масовен протест го изразува незадоволството од владината политика во земјоделството.
  • 1992, Граѓани во Скопје одржуваат мирен протест за поддршка на независност на Македонија
  • 1995, Македонски студенти и средношколци протестираат поради отворањето на универзитетот во Мала Речица.
  • 1997, Низ целата територија на Македонија се одржани масовни демонстрации на студентите и средношколците против предлог законот за воведување на албанскиот јазик на Педагошката академија.
  • 1997 – 2012, Се одржуваат низа протести на измамените штедачи во штедилница ТАТ, која оштетува илјадници граѓани во најголемата пирамидална финансиска измама во Македонија до тогаш.
  • 1997, Протести во Тетово и во Гостивар против одлуката на Уставен суд, која е против истакнување странски знамиња на јавни места.
  • 1997, Штедачите на „Југомаркет“ протестираат поради неисплатените штедни влогови.
  • 1999, По повод бомбардирањето на Белград од страна на НАТО алијансата, граѓани во Скопје одржуваат просрпски анти – НАТО протести.
  • 2001, Протести пред парламентот поради настаните во Арачиново, кога со помош на американските трупи и Мисијата на Европската Унија на албанските бунтовниците им е дозволено да го напуштат селото, а на македонската страна ѝ било наредено да се повлече.
  • 2004, Протест против предлог законот за нова територијална прераспределба на Македонија.
  • 2007, Студентите на Тетовскиот универзитет протестираат изразувајќи поддршка за независност на Косово.
  • 2009 – 2017, Неформалната група студенти на Архитектонскиот факултет, Прва архибригада, подолг временски период протестира против архитектонските и урбанистичките случувања во градот Скопје.
  • 2010 – 2017, Организацијата за активизам „Плоштад Слобода“ одржува голем број протести  против проектот „Скопје 2014“.
  • 2011, Голем број граѓани протестираат поради убиството на Мартин Нешковски, кој е брутално претепан до смрт од страна на припадник на специјалната полициска единица „Тигри“, за време на одржувањето на прославата за изборната победа на владеачката партија ВМРО – ДПМНЕ.
  • 2011 – 2015, По убиството на Мартин Нешковски голем број граѓаните подолг временски период со протести го изразуваат својот револт против полициската бруталност.
  • 2011, Тутунопроизводителите низ цела Македонија протестираат со блокади, барајќи државата да обезбеди повисоки откупни цени на тутунот. 
  • 2011, Граѓаните на Велес, предводени од „Зелената коалиција“, протестираат против рестартирање на топилницата во Велес.
  • 2011 – 2015, Новинарите и медиумските работници протестираат, барајќи поголема слобода на медиумите и слобода на изразувањето.
  • 2012 – 2015, Граѓанското здружение АМАН, како и други граѓани протестираат против незаконските мерки на Регулаторна, како и против поскапувањето на струјата, парно греењето и бензинот.
  • 2012 – 2016, Стечајните работници и оние што се прогласени за технолошки вишок, протестираат за решавање на нивниот економско – социјален статус.
  • 2013, Граѓански организации и граѓани протестираат против предлог законот за абортус, со кој на жената ѝ е скратено правото слободно и самостојно да одлучува за својата иднина.
  • 2013 – 2015, Протести за поддршка и ослободување на новинарот Томислав Кежаровски, кој во 2013 година е осуден на 4,5 – годишна затворска казна поради објавен текст.
  • 2013 – 2018, Повеќе годишни протести каде што се бара правда и заштита на животните од страна на граѓани и здруженија за заштита на животните. Тука се протестите против законот за евтаназија, за подобри услови во стационарот Вардариште, против труењето на уличните кучиња и т.н.
  • 2014 – 2017, Граѓани, работници, граѓански организации излегуваат на првомајски протести со барања за поголема социјална правда и работнички права.
  • 2014 – 2015, Протести против предлог законот за хонорарни работници, со кој се предвидува плаќање на поголеми давачки на државата за придонеси.
  • 2014 – 2015, Студентите организирани како „Студентски пленум“, масовно протестираат против најавените реформи во образованието, бараат итно повлекување на предлогот за екстерно тестирање и поголема автономија на универзитетот
  • 2014, Неколку стотици вработени во ЕМО Охрид и „Еурокомпозит“ од Прилеп,  протестираат во Скопје, барајќи Владата да им ги исплати неисплатените плати и придонеси.
  • 2014 – 2016, На повеќе локации низ Македонија се одржуваат протести против изградбата на мали хидроцентрали.
  • 2014 – 2018, Протести на работниците на Еурокомпозит кои ги бараат неисплатените плати и отпремнини.
  • 2014 – 2018, Повеќе годишни протести против загадувањето на воздухот во кои загрижените граѓани го покажуваат својот револт за енормното загадување на воздухот и не преземањето на мерки за истото. 
  • 2014, Граѓански протест против максималните доживотни казни изречени за петкратното убиство кај Смилковското Езеро.
  • 2014 – 2016, Повеќе граѓански здруженија обединети под иницијативата „Ајде“ организираат протести против политиките на тогашната актуелна власт.
  • 2014 – 2016, Иницијативата „Го сакам ГТЦ“, организира повеќедневни протести во одбрана на постојниот изглед на Градскиот трговски центар.
  • 2014 – 2016, Протести на инцијативата „Спас за Радика“ против изградбата на браната Луково Поле.
  • 2015, По објавувањето на прислушуваните разговори („бомби“) од страна на тогаш опозицискиот лидер Зоран Заев, голем број граѓани под мотото „Протестирам“ масовно протестираат против актуелната власт.
  • 2015, Голем број средношколци од неколку скопски гимназии маршираат за да го изразат својот протест поради воведувањето нов концепт на полагање државна матура. Протести се одржуваат и во други градови во Македонија.
  • 2016 – 2017, Масовните протести од 2015 година продолжуваат како протестно движење „Шарена револуција“, кое континуирано и масовно артикулира незадоволство од одлуките на тогашната власт и повикува на одговорност, мобилизирајќи голем број граѓани кои својот револт го изразуваат преку боење и шарање на македонските институции. Првично протестот се јавува како реакција против аболицијата од страна на претседателот Ѓорге Иванов, најпрво во Скопје, а потоа и во други градови. Иако аболицијата набрзо е повлечена, серијата на протести продолжува сѐ до падот на владеењето на Никола Груевски. 
  • 2016, Преку мирен собир во Скопје и во Битола се дава поддршка за  битолскиот градоначалник Владимир Талески, кој се товари за злоупотреба на службената должност. 
  • 2016, Работниците од „Југохром“ од Јегуновце организираат мирен собир пред влезот во фабриката, во кој го изразуваат својот револт за затворањето на фабриката, сметајќи дека таа не е главен загадувач на воздухот во Тетово.
  • 2016,  „Шарена револуција“ организира протест за поддршка на активистот Павле Богоевски, обвинет за активностите во протестите на „Шарена револуција“. 
  • 2017 – 2018, Здружението „За заедничка Македонија“ организира протести низ повеќе градови во Македонија, а како повод ја користи декларацијата позната како „Тиранска платформа“.  Здружението продолжува со протестите со кои ги критикува политиките на власта.
  • 2017 – 2018, Работниците на „Фени“ –  Кавадарци протестираат против стечајот и затворањето на фабриката.
  • 2017 – 2018, Масовен протест на граѓаните во Валандово за стопирање на изградбата на Казандол, како и рудниците Иловица и Боров Дол. На овој протест се приклучува и здружението „Плоштад Слобода“ со своја поддршка, протестирајќи во Скопје.
  • 2017, Здружението за албанска култура протестира против пресудата за случајот „Диво насеље“, со која осуммина обвинети добиваат доживотна казна затвор, а 13  се обвинети на 40 години затвор.
  • 2017 – 2018, Граѓани и активисти за заштита на животната средина со урбани акции и перформанси протестираат против урбанизацијата на охридското крајбрежје.
  • 2018,  Протест поради преквалификацијата на делото во случајот со смртта на малиот Алмир во Куманово, кој по расправија за ред во амбуланта бил прегазен со автомобил.
  • 2018,  Неколку илјади жители протестираат против изградба на депонија во селото Годивје, блокирајќи дел од автопатот Кичево-Охрид.
  • 2018, Политичката партија Левица организира протести против влегување на Македонија во НАТО – сојузот.
  • 2018, Голем број граѓани протестираат против потпишувањето на Преспанскиот договор и промена на името на Македонија.

НЕКОЛКУ ЗБОРА ОД АВТОРИТЕ…

ЗА ПАРОЛИТЕ…

Овој проект кој го нарековме „Пароле, пароле“, со самиот наслов буди повеќеслојни асоцијации. Ако го преведеме буквално од француски или од италијански, значи „Зборови, зборови“, ако го побараме во Правописот на македонскиот јазик значи гесло, крилатица, слоган, односно транспарент кој се носи при демонстрации или според Фердинанд де Сосир, определен таен збор или конкретен јазик. Ако го „преведеме“ слободно во контекст на самата идеја за проектот значи „зошто баш пароли/зборови?“. Сите користиме зборови, фино склопени во разни наративи, кои многу често го обликуваат начинот на кој гледаме на одреден проблем.

„Проблемот“ протест, односно јавно изразување на незадоволство, веројатно е стар колку што е стар и човекот, се менувале само обликот и тактиката. Копањето по пишаните извори со цел да се добие генерална слика за историјатот на протестите, па да се издвои хронолошката рамка која подетално ќе се разгледува, јасно става на знаење дека станува збор за комплексен феномен, чии полиња на истражување постојано се лизгаат и преклопуваат додека не се дојде до заклучокот дека „не може да им се фати крајот“. Протестите се нижат еден по друг, дури беше тешко да се каже каде временски да се прекине со истражувањето и да се сублимира материјалот, бидејќи постојано имаше едно големо „НЕ“ за тоа дека е „доволно“. Некако се постави временската рамка од 1945 година до денес („денес“, релативен термин, кој во случајов значи „до околу крај на летото 2018“).

Иако овде (за мене) во фокус е самиот збор, неминовно е сосема накратко да се нурнеме во историскиот контекст (можеби несакајќи и во политичкиот) на протестите чии пароли се најдоа на страниците на оваа книга. Почнувајќи од 1945 година, кога зборуваме за Македонија (во рамките на тогашната СФРЈ), можеме да заклучиме дека јавното изразување на незадоволство или е многу ретко или е многу малку медуимски покриено, па архивски материјали речиси нема. Во 1968 година светот врие, студентските протести стихијно се шират, Сорбона е претворена во болница, а Бундестагот во опседната тврдина, но интересно беше дека на страниците на „Нова Македонија“ и на „Политика“ им се дава многу малку простор на случувањата во Белград (како главен град на државата), кој бурно ги следи и се придружува кон светските текови. Живите сведоци и учесници во протестите нè почестија со нивните зборови, запишани и незапишани во историската тетратка. Оттука се заклучува дека писмото е апстрактен услов за она што го нарекуваме историја. На почетокот на 80 – тите години од 20 век климата во одреден степен се менува, се забележува поголема смелост во јавното изразување на незадоволство. По осамостојувањето на Македонија може да се забележи поголема демократизација во општеството, следуваат низа протести, изразување солидарност, кревање глас за демократски права и слободи, мрачни одговори на очајниот транзициски период, крик на млади и стари, ученици и студенти, „наши“ и „ваши“, верижно поврзување на разни групи на интерес, невладини организации, граѓани, индивидуи или групи, обединети или разединети во нивните барања, програми, приоритети и обврски кои сами си ги поставуваат. Со други зборови, протестот станува секојдневие, а неговиот медиум – паролата се повикува на крајната инстанција – гласот на народот. Уште на почеток кога се појави идејата за ова истражување, за мене беше најинтересно и најзаводливо она што беше испишано на транспарентите, кои се неизбежен дел од секој протест. Често со многу смеење овие зборови ненамерно наведуваа да се продре во нивното значење, на моменти со обиди за длабински филозофски и лингвистички анализи, на моменти со искрен пристап кон нивната едноставност и досетливост. Потребата на учесниците во протестот да пренесат порака ги натерала прагматично да ја сведат пораката на крајно сублимирана јазична конструкција на она за што претходно или подоцна некој пишува опширни текстови (новинарски, научни…) и да ја напишат во облик на парола, која станува нивен главен медиум. Нејзината цел е да информира, критикува, бара, изрази став, мислење… Маршал Меклуан, еден од најзначајните основачи на теоријата за медиумите, тврди дека медиумот е „продолжеток на човекот“ и не е само поим за инструмент преку кој се одвива комуникацијата, туку во него е содржана и содржината на комуникацијата, односно „медиумот е порака“.  Паролата, како медиум (лат. medius – нешто средно и посредувачко) во рамките на историскиот контекст овозможува комуникација, во смисла на историско случување, забележување и општествени односи. Самиот медиум не е постојан во неговата суштина ниту во неговото историско значење, туку неговата егзистенција е овозможена од неговата комуникативност („Ние само пишуваме пароли, а вас к… ве боли“, фото Е. Тренчева, фотографија на почеток на книгата). 

Што се однесува до јазикот што се употребува во паролата, она што беше најинтересно е едноставниот и сублимиран начин на кажување на она што сака да се каже, најчесто со многу сарказам и духовитост. Секој збор овде добива свое значење во контекст на човечката активност што го користи. Крајната употреба на одредени поими не е стриктно врзана за одредено непроменливо значење на поимот, туку неговото значење е одредено од неговата употреба („Ќе ви шарам сè по список“, „Матичен лекар – баба Рада“…) Во секој случај, импресивна е креативноста на чинот на пишување пароли, кој не претендира да создаде уметнички продукт, но често позајмува конструкции од уметноста (литература, поезија, музика…) („В скопско негде, на некој плочник, кај ВМРО в пир славеше в лете, убија дете“, „Билјана платно не белеше, Билјана жени љубеше и револуции водеше“…), обликувајќи ги на сопствен начин.

Во обид да се види колкава е моќта на овие зборови, напишани како парола, пробав овие протести да ги видам како организирани или спонтани масовни акции, кои во себе носат колективна енергија која иницира комуникација на нејзините учесници и на оние што од различен агол се само набљудувачи на акцијата и стануваат пасивни учесници. Овие пароли (често од манипулативна природа) го структурираат човекот како нов субјект кој прима информација, а нивната моќ многу често е толку голема, што предизвикува комплетна „масажа“ во сите сфери на општествениот живот, креира мислење и став и го одредува текот на животот. Но, ова отвора нови прашања и аспекти на феноменот протест, кои бараат посебни истражувања и толкувања.

Како и да е, целта и финален резултат на ова истражување беше на забавен визуелен начин да се презентираат неколкуте пароли, што нам ни ги разиграа мислите, а погоре напишаните зборови беа само обид од мој агол и на свој искрен начин да објаснам „зошто баш пароли/зборови?“, чувствувајќи потреба и сама да го видам напишано она што ме инспирираше да го започнеме истражувањето.

Јасмина Алексова

декември, 2018


Пароле, пароле!

Во овој истражувачки проект, главната тенденција беше да се покажат сликовно, зборовните артикулации на гнев, критика, незадоволство, во многу наврати и хумор и сатира на протестите што се случувале и кои сѐ уште се случуваат во Македонија, преку селекција и прикажување на за нас позначајните и поинтересни пароли испишани на транспарентите што демонстрантите гордо ги носеа во своите раце.

Протестите како колективен чин преку кој се портретираат општествените проблеми се најмоќен инструмент за испраќање порака од критичката јавност. Зборот што се користи како медиум за директно пренесување критика и незадоволство испишан на транспарент ги покажува најчесто емотивните состојби, верувања, морални пораки, политички убедувања, културни диверзитети.

Испишаните транспаренти на кои има кратки, но јасни и директни пораки имаат цел да комуницираат и да му дадат глас на протестот, а со тоа да ја пренесат својата критика која ќе одекне во пошироката јавност. Често пати анонимни, паролите се создаваат за одреден момент, иако со краток век на траење, и тие имаат големо влијание и моќ да ја конкретизираат острата критика и барањата на колективот кои се упатуваат директно до центрите на моќ. Она што е испишано станува вербално и обратно. 

Емоциите се тие што им даваат идеи и ги мотивираат демонстрантите, го обојуваат протесното движење во насилно или мирно. Протестите ја користат својата моќ и креативност за индивидуалните емоции на незадоволство и гнев да ги сублимираат во колективни од кои потоа ќе произлезат барања за подобрување и промени во општествените политики. Паролите се визуелната компонента, која ги интерпретира гласот и мислата на народот, а зборот е моќната алатка за  испраќање јасна порака. 

Македонското општество во последните триесетина години се труди да воспостави кревка култура на протестирање за искажување на својот револт и критика. Така се појавија социјални движења, пленуми, граѓански иницијативи, здруженија кои мобилизираа, обединија и маршираа со цел да го канализираат сето незадоволство и гнев за да ги поттикнат општествените, социјални и политички промени. Во некои случаи успешно, во некои неуспешно. Токму поради овие храбри обиди сметавме дека би било сосема коректно да се сублимираат и прибележат во едно сликовно четиво зборовите/паролите на едно време. 

Ова истражување начна само еден мал сегмент од можноста што темата пароли, а со тоа и протести ја нуди за проучување и обработка. Ја оставаме отворена опцијата за идно надополнување и проширување, од некојпоинаков ракурс. 

Елена Тренчева

декември, 2018


Сведоци сме низ историјата како протестите донеле големи општествени промени. Кога светот полудувал (ропство, 12 – часовен работен ден, права на жените…), се користело секое достапно „оружје“ за да се пренесе гласот на народот. Се користеле свирчиња, балони, црвени картони и кругови, тенџериња и, секако, лист хартија и фломастер. Како многу специфичен медиум авторот на паролата има малку простор да ја пренесе својата порака која ќе биде забележана на само неколку секунди. Затоа тој мора да биде многу креативен, досетлив и хумористичен и тоа во само неколку збора.
За да предизвикаат насмевка, да натераат некого да го преиспита својот став, да им се придружи, паролите мора да се направени со вистинска страст (фрустрација, лутина или разочарување) и искрена порака.

Откако знаеме за себе, гледаме какви работи ни се случуваат дома , во светот, на интернет и затоа ние, колективно, треба да запаметиме дека нашиот глас е важен и треба да се слушне, дали против политичките партии, големите корпорации или против која и да е неправда.

Александар Тримчевски